Пожарот кај Робово и Умлена сеуште активен

Огнената стихија сеуште ги става во опасност мештаните од селата Умлена и Робово кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина.

Александар Мачевски, жител на Робово, утрово информира дека најкритична сеуште е ситуацијата кај Умлена каде во текот на ноќта пожарот се гаснеше интензивно и посочува дека тој е се поблизу.

„Утрово имаше хеликоптер во извидница, очекуваме наскоро да дојдат други хеликоптери и да почне да се гаси огнот. Голем број од мештаните синоќа беа на првата линија, заедно со Армијата и од утрово помагаа. Да се надеваме дека ситуацијата денес ќе биде подобра“, изјави Мачевски.

Во гаснењето од вчера се вклучи и тимот од 25 пожарникари од Бугарија. Комесарот на единицата од Благоевград, Георги Пармаков, информираше дека веднаш по пристигнувањето им биле доделени задачи и дејствувале на поголем простор во Пехчевско до доцна во ноќта, а продолжуваат да пружаат помош и од утрово.

Од полицијата информираа дека по стабилизирањето на ситуацијата е пуштен за сообраќај и патот Делчево–Пехчево–Берово, кој синоќа поради алармантната состојба беше пренасочуван преку алтернативни патни правци.

„Патот е пуштен за сообраќај и возилата кои се движат на овој патен правец не се задржувани. Од она што можеме да го кажеме засега ситуацијата е помирна“, велат од полицијата.

Последните информации околу вториот пожар кај маалото Пасјак, во делчевското село Нов Истевник говорат дека истиот е под контрола.

Во гаснењето на пожарот синоќа кај Пасјак беа ангажирани две возила и 40 луѓе кои дежураа цо текот на ноќта.