Пожар уништи вредна документација за Скопје

Три напуштени бараки, лоцирани на аголот од булеварите „Октомвриска револуција“ и „Партизански одреди“ во Скопје се целосно уништени од пожар кој денеска напладне. Тоа беа бараките во кои некогаш беа сместени Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и седиштето на Либерално-демократската партија. Во пожарот нема повредени лица.

Во тек е истрага за утврдување на причините што довеле до избувнување на огнот.

Неофицијално, за пожарот што ги зафати и просториите на Заводот за урбанизам и архитектура и уништил дел од макетите, скиците и архивските материјали за постземјотресно Скопје, постојат сериозни сомневања дека е намерно предизвикан.

Поради огнот, од безбедносни причини сообраќајот беше пренасочен, а беа евакуирани и учениците од СУГС „Здравко Цветковски“, затоа што во дворот на училиштето, веднаш до бараките кои гореа, има гасна станица.

Од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје потврдија дека пожарот е локализиран и дека нема опасност од негово натамошно ширење. Во гаснењето на пожарот учествувале 30 пожарникари, а помогнале и екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
pozar

 

Општина Карпош бара темелна истрага

За последиците од пожарот се огласи и Општина Карпош. Општината изразува искрено жалење за пожарот што избувна на нејзина територија, а во кој изгоре поранешниот Завод за урбанизам и архитектура на Скопје, (ЗУАС) кој е во стечај.

„Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи, службата за Противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот“, велат од Општина Карпош.