Полициски час од 20 часот од утре, од среда целосно затворање на угостителските објекти

Полицискиот час од утре да почнува од 20 часот, од среда целосно да се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, одлучи Владата на денешната седница на Главниот кризен штаб.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

Бројот на новозаразени постојано расте, бројот на починати од корона расте, досега здравствените работници се справуваа со предизвиците, но, сега постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите сили се во битката за спасување човечки животи. Ова е најголемо оптоварување на здравствените систем од почетокот на пандемијата. Ова е моментот кога е потребно да ги пресечеме многу сериозните последици. Од овие причини Владата ги донесе донесе новите рестриткивни мерки, рече премиерот Зоран Заев на денешната пресконференција.

Вчера беа регистрирани нови 35 починати лица, како и нови 734 случаи на Ковид-19 од направени 3.246 тестирања. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.

Вкупно биле заразени 134 867 лица.

Во ковид-центрите низ државата согласно денешните податоци се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.

Досега полицискиот час почнуваше од 22 часот, а угостителските објакти работеа до 21 часот. Одлуката за полициски час од 22 часот беше донесена на 9 март и почна да се применува од 10 до 22 март. Потоа беше донесена одлука истото ограничување да важи до утре – 6 април.