Попуштаат мерките за влез во Хрватска

Од 1 април би требало да дојде до попуштање на мерките за вакцинираните како и за оние кои прележале Ковид во последните шест месеци. За нив би бил овозможен влез без ПЦР тест или карантин.

Хрватскиот кризен штаб одржа прес конференција во текот на влошувањето на епидемиолошката состојба во таа земја. Нагласувајќи дека се бележи скок од бројот на заразени, се зборувало и за новите мерки кои се подготвуваат за католички Велигден кој се празнува следниот викенд.

Тој викенд се очекува зголемен прилив на луѓе во регионот кои живеат во странство во земјите каде што овој празник се одбележува и во кои се спојуваат неколку слободни денови и има школски распуст.

Говорејќи за претстојниот Велигденски викенд, директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, др. Крунослав Цапак, најави можност за ублажување на мерките за одредена категорија на луѓе на границите.

Пред нас е донесување на нови одлуки за забрана на премин. Тој пакет би требало да стапи на сила од 1 април. Што се однесува до таа одлука, ние ќе антиципираме се она што е евидентно дека ќе се содржи во уредбите на Европската унија за олеснување на патувањата. Ќе предвидиме влезот во земјата да им се олесни на оние кои се вакцинирани и на оние кои прележале корона или кои имаат негативен ПЦР тест“, напомена тој.

Појаснувајќи ги најавените мерки нагласи дека посебни олеснувања за останатите нема да има, освен за деца до седум години, за кои нема да се бара ПЦР или антигенски тест.

Што се однесува до прележаните, тука ќе се гледа некој рок од шест месеци. А, пак, за вакцинираните ќе им се овозможи премин, без проблем“, нагласи главниот хрватски епидемиолог.

Во Хрватска во последните 24 часа се забележани 1802 нови случаи на заразени со Ковид-19, што на неделно ниво претставува пораст за 17 отсто.