Може ли Владимир Путин да биде уапсен? На тоа прашање одговор бара човекот кој се бори да го стави на обвинителна клупа – Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд. Тој го обвини рускиот лидер за воени злосторства и го опишува случајот како „одлучувачки момент“ за меѓународната правда.
Креветчињата беа празни, редот со прегради полн со играчки и мали чевличиња. Детски цртежи на ѕидовите, во далечина звук на гранатирање…
Британскиот обвинител, облечен во панцир и со шлем на главата, зјапаше во напуштеното украинско сиропиталиште, а децата кои во него до неодамна живееја, се верува, дека се меѓу илјадниците кои се киднапирани од Русите.
Како татко на три деца, Карим Кан беше видно трогнат од призорот, убеден дека како обвинител на Меѓународниот кривичен суд, може да стори нешто по тоа прашање.
„Можете да ги прочитате извештаите и да ги видите фотографиите, но ништо не е толку уверливо како тоа да бидете таму – на местото“, рече 52-годишниот Кан по враќањето од првата линија на фронтот, после негова четврта посета на Украина од руската инвазија.
„Во главата ги спротивставувате децата, звуците на животот, со празните згради и креветчињата, отворајќи ги шкафчињата ги гледате малите чевли и нивните играчки и сфаќате дека тоа не се бројки, тоа се човечки битија. Размислувам за тоа низ што се тие поминале и знам дека законот мора да ги заштити“, истакна Кан.
Додека телефонот на Кан во петокот вечерта беше ‘загушен’ со пораки со честитки и медиумски повици, тој посочи дека чувствува „измешани емоции“ поради трагичните околности.
Го сфаќа и обемот на предизвиците со кои се соочува судот.
Изведувањето на Путин пред лицето на правдата би било неверојатно достигнување за синот на дерматолог и медицинска сестра, роден во Единбург, кој студирал право на Кралскиот колеџ во Лондон.Во сферата на човековите права влезе ужаснат од настаните на Балканот, почнувајќи од канцеларијата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, но и затоа што неговото семејство припаѓа на групата народ Ахмадија, која веќе долго време се соочува со прогон во Пакистан.
Исто така ги бранеше и сторителите, вклучувајќи го Саиф Гадафи, синот на либискиот диктатор и Тејлор, што тој го смета за предност.
Неговата крајна цел е да го оживее нарушениот углед на Судот, кој за своето 20-годишно постоење потроши повеќе од 1,5 милијарди фунти и осуди само десет луѓе.
Во некои области, како што е употребата на сексуално насилство како оружје за војна, осудил само едно лице, иако во текот на тие години стотици илјади жени биле силувани во војна.
Со оглед на тоа дека оние кои му се спротивставуваат на Путин имаат тенденција несреќно да завршат, Кан патува со обезбедување, но вели дека нема да го засили.
„Секогаш сум загрижен за безбедноста на жртвите или сведоците, но не се плашам од сопствената смрт. Ја работам мојата работа и знам што доаѓа со неа“, рече Кан.