Почина данскиот карикатурист Курт Вестергард

Данскиот карикатурист Курт Вестергард почина на 86-годишна возраст. Toj животот го завршил мирно, по долго боледување, на 14 јули, во Копенхаген, соопшти вчера неговото семејство.

Вестергард стана познат на светско ниво во 2005 година, кога серија негови карикатури со исламскиот пророк Мухамед објавени во весникот „Јиландс-Постен“ ја предизвикаа најголемата криза на Данска во надворешен план по крајот на Втората светска војна. Четири месеци по објавувањето, тие станаа основа на протести во неколку муслимански земји. Некои од демонстрациите станаа и насилни.

Данските и норвешките амбасади беа нападнати и десетици луѓе загинаа.

Контроверзноста за стриповите доведе и до дипломатски несогласувања меѓу Данска и други земји. Настаните доведоа до дебата за границите на слободата на изразување и за верските прашања во земјата и пошироко.

На карикатурите, пророкот Мухамед носи турбан во облик на бомба.

Вестергард, наставник кој 1980-тите работел во конзервативниот дански весник, оттогаш мораше да биде придружуван од телохранители и постојана заштита. Во 2010 година тој за малку избегна напад од 28-годишен маж кој со секира влета во неговата куќа.