Во Загреб на осумдесет и петгодишна возраст почина познатиот хрватски и европски писател Предраг Матвејевиќ, член на Македонската академија на науките и уметностит надвор од работниот состав.
Матвејевиќ се вбројуваше во редот на најважните и најпреведувани писатели и публицисти од Балканот и Европа, еден од најпреведуваните хрватски автори во светот.
Беше доживотен потпретседател на Меѓународниот ПЕН клуб во Лондон.
Матвејевиќ ќе остане запаметен ако голем хуманист, космополит, полиглот и активист, кој учествуваше и на протести и на постара возраст залагајќи се за одбрана на човековите права, за мир.
Пред една година 60 значајни италијански уметници потпишаа иницијатива да му биде доделена Нобеловата награда за книжевност за „Медитеранскиот бревијар“ дело кое е преведено и на македонски.
Од триесет книги чиј автор е тој, досега на македонски јазик се објавени: „За една поетика на настанот“, (1983), „Источниот епистолар“ и „Лебот наш“, (2014).
Предраг Матвејевиќ е роден во 1932 година во Мостар. Студирал романистика на Универзитетот во Сараево и во Загреб, а докторирал на Сорбона во областа компаративна книжевност и естетика.
Предаваше на Филозофскиот факултет во Загреб, беше визитинг-професор на Њујорк Универзитет, Институтот за словенски јазици во Париз, „Колеж д’Франс“ и Католичкиот универзитет во Лувен.
Универзитетот во Перпињан по повод својот 600-годишен јубилеј му додели титула honoris causa, а беше почесен доктор на универзитетите во Трст, Џенова и во Мостар.
На Сорбона, Матвејевиќ предаваше словенска книжевност, а српски и хрватски јазик и српска и хрватска книжевност на Римскиот универзитет „Сапијенца“ каде е оформен и Лекторат за македонски јазик кој самиот тој и го подржуваше.
Предраг Матвејевиќ беше еден од организаторите на Меѓународниот симпозиум посветен на „Сонетот во словенските литератури“ на истата Катедра.







