Почна обновата на хоризонтална сигнализација во Куманово

Почна обновата на хоризонталната сигнализација во Куманово, информираа денеска од секторот за комунални дејности од општината. Годинава изведувач на работите е јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

-Општина Куманово во изминатиот период реализира редовно тековно хоризонтално обележување на јавно прометни површини согласно годишниот план за одржување на комунална инфраструктура на град Куманово за 2020-та година. Досега, реализирано е обележување на сообраќајници во поширок опфат на централното градско подрачје со акцент на обележување на пешачките премини во непосредна близина на сите образовни институции, здравствени установи и институции на подрачје на Општина Куманово-изјави Бојан Петковски од општина Куманово.

Во рамки на програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура во Куманово за тековната година, за хоризонталното обележување заедно со поставување на заштитни столбови од општинскиот буџет одвоени се 2,5 милиони денари.

Хоризонталното обележување, велат од општината, ќе се реализира секојдневно и ќе продолжи сè додека дозволуваат временските услови за реализација на оваа активност.