Почна самитот на Г20 во Рим, главни теми се пандемијата и климата

LinkSense.mk

Климатскиуте промени и пандемијата со корона вирус сџе главни теми на дводневниот состанок на челниците на дваесетте најголеми светски економии кој почна денеска во Рим, а воведниот говор го има италијанскиот премиер, Марио Драги.

Ова е првпат челниците на државите од Г20 да се состанат во живо откако короната се прошири во светот. На состанокот не се присутни кинескиот водач Џи Јинпинг, кој не ја напушти Кина од почетокот на пандемијата, и рускиот претседател Владимир Путин, двајцата ќе присуствуваат со видеоврска.

Самитот се одржува кратко по предупредувањата на експертите дека е потребно итно дејствување по прашањето за намалување на штетните емисии на гасови и на два дена пред средбата на светските челници во Глазгов на климатската конференција на Обединетите нации (ЦОП26).

Групата Г20, која ја сочинуваат деветнаесет држави и Европската унија, одговорна е за 80 отсто од светските емисии на штетни гасови. Речиси една третина се однесува на Кина.

Зборувајќи непосредно пред самитот, британскиот премиер Борис Џонсон, домаќинот на конференцијата во Шкотска, предупреди дека неуспехот во дејствувањето би довел до тоа идните генерации да имаат живот кој би бил многу помалку пријатен отколку нашиот.

Џонсон призна дека ниту Г20 ниту ЦОП26 нема да го запрат глобалното затоплување и дека светот може да се надева сдамо на забавување на растот на температурата.

Ројтерс пренесува дека во нацртот на заедничкото соопштение на групата Г20 стои ветување за дејствување кон ограничувањето на растот на температурите на 1,5 степени, но дека нема да има обврзувачки мерки.

Членките на групата Г20 се и држави како што е Саудиска Арабија, земја со најголеми резерви на нафта во светот, и Австралија, на која јагленот и е втор најважен извозен производ заради што и понатаму вложува во тој енергенс, иако експертите повикуваат за негиово напуштање, заради што критичарите и еколошките здруженија се скептични околу искреноста во намерите на државите во борбата против климатските промени.

Во извештајот на Ројтерс од Рим се нагласува дека Џонсон на самитот би требало да ги отвори прашањата за нееднаквост во светската распределба на вакцини. Конзервативниот премиер би требало на колегите да им нагласи дека главен приоритет е брзата, рамноправна и глобална дистрибуција на вакцини.

Во светот се искористени повеќе од шест милијарди дози вакцини. Но, 160 поранешни челнициу и јавни личности во писмото упатено до Марио Драги, премиерот на Италија, која претседава со средбата, предупредуваат дека во сиромашните земји вакцинирани се само 2 отсто од луѓето.

Од американскиот претседател Џо Бајден се очекува да ги повика државите на побрзо производство на енергенси кои оваа година бележат висок раст на цените на светскиот пазар, пишува Би-Би-Си.

Г20 би требало да го подржи минималниот данок за корпорациите од 15 отсто, што го поддржуваат 140 земји ширум светот.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)