Почна скринингот на Македонија

LinkSense.mk

Македонија го почна процесот на скрининг за подготовка на почетокот на пристапните преговори со Европската унија, кои се очекува да се отворат во јуни следната година.

Главен преговарач е Бујар Османи, а технички преговарач е Бојан Маричиќ. Одлуката e донесена вчера на владина седница, на која присуствуваше и еврокомесарот Јоханес Хан.

Скрининг“ е процес на аналитички преглед на целокупното европско законодавство, кој се спроведува во рамките на процесот на пристапните преговори. Секоја земја која станала членка на ЕУ поминала низ овој процес. Станува збор за над 100.000 страници на европското законодавство и огромен број на технички стандарди, вклучува десетици институции на ЕУ и стотици институции на земјава со околу 1000-2000 национални експерти.

Вообичаено процесот може да трае од една до две години и истиот е унифициран за сите земји. Тој ги рефлектира и спецификите на секоја земја во одредени подрачја и ги земе предвид сите промени во европското законодавство што можат да се случат во меѓувреме.

Искуствата од земјите кои поминале низ процесот покажуваат дека најчувствителни се поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на правосудство и фундаментални права, односно на правдата, слободата и безбедноста.

Најобемни се поглавјата 11, 12 и 27, за земјоделство и рурален развој, безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика и за животна средина.

Предизвик се и поглавјата 1, 8 и 19 за слободно движење на стоки, политиката на конкуренција и социјална политика и вработување.

Има вкупно 35 поглавја, но само во 33 имаат конкретно европско законодавство. Поглавјето 34 е за утврдување на институционалните прашања, додека поглавјето 35 е за се „останато“ што не е покриено со стандардните 33 поглавја.

Според новата пракса на Европската комисија, во преговорите први се отвораат поглавјата за правосудство и фундаментални права и за правда, слобода и безбедност, кои се сметаат за најосетливи и најранливи.