Денеска во Брисел започнуваат објаснувачките скрининг состаноци за кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
Досега успешно се завршени објаснувачките скрининг состаноци за Кластерот 1, „Темели“ и Кластерот 2 „Внатрешен пазар“, што е и констатација на Комисијата во годишниот Извештај за Македонија за 2022 година, дека процесот се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.
До крајот на оваа недела ќе се одржат и скрининг состаноците за поглавјата 16,17,19,20,25,26 и 29, односно поглавјата „Оданочување“, „Економска и монетарна политика“, „Социјална политика и вработување“, „Претпријатија и индустриска политика“, „Наука и истражување“, „Образование и култура“ и „Царинска Унија“.
По одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ во јуни годинава, со која официјално Македонија ги отвори преговорите, почна скрининг процесот, кој се состои од две фази.
Првата е објаснувачкиот скрининг – кога Европската комисија ќе го презентира најрелевантното законодавство на ЕУ за сите поглавја сега групирани во кластери, односно во случајот на нашата земја ќе се направи само ажурирање на релевантните акти (имајќи предвид дека ние веќе поминавме низ овој процес во 2018-2019 година).
Втората фаза, односно билатералниот скрининг, почнува на 11-ти ноември за кластер 1, „Фундаментални вредности“, и претставува процес во кој ние го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство и планови за понатамошно усогласување, градење на институционални и административни капацитети, како и потребни човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.







