По 18.000 денари стипендија за студенти на „Ветерина“, „Земјоделски“ и „Шумарски“

LinkSense.mk

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска учестуваа на академскиот час во организација на Факултетот за Земјоделски науки и храна, по повод 17-ти ноември, Меѓународниот ден на студентите.

Честитајќи им го денот, Николовски упати порака до студентите, да бидат посветени на науката, и да бидат гласни и критични, бидејќи само така ќе можат да помогнат нашата државата да чекори напред и успешно да се развива.

„За мене токму овие три факултети имаат најголемо значење и придонес во државата, бидејќи создавааат нови генерации млади и стручни академски граѓани, кои со своето знаење треба да помогнат во развој на земјоделскиот сектор, во зачувување на шумите, во заштитата и нега на сточниот фонд во државата и во заштитата на јавното здравје на граѓаните. Развојот на земјоделството како стопанска гранка почнува токму од тука, од образовните институции. Вие сте идните земјоделски и шумарски инженери, идните ветеринари, кои ќе ја имаат клучната улога во тој развој. Токму затоа се гордеам со сите вас, кои одбравте да студирате на еден од овие три факултети“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.

Уште на почетокот од оваа година започнала иницијативата како да се зголеми интересот кај младите за изучување на овие струки и оттука произлегла целата идеја за воведување на стипендии наменети за студентите од трите струки, земјоделската, шумарската и ветеринарната.

На иницијатива од министерот Николовски, а во соработка со Министерството за образование и наука и деканите на трите факултети, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард, со што овозможи услови за доделување на парична помош за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на земјоделскиот, шумарскиот или ветеринарниот факултет во сите универзитети и високообразовни установи во државата, со месечна стипендија од 18.000 денари за девет месеци во годината.