Првомајски протести ширум светот: Црвените знамиња и полицијата во клинч

Демонстрантите ширум светот се судрија со полицијата кршејќи ги правилата за „заклучување“ за да учествуваат во традиционалните првомајстки демонстрации.

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Берлин, Истанбул, Мадрид, Париз и Торино на Меѓународниот ден на трудот, пренесе „Дејли меил“.

Полицајците во Турција ги фрлаа демонстрантите на земја, држејќи ги за лице и влечејќи ги за коса. Уапсени се дваесетина бранители на работничките права во моментите додека во земјата важат мерки за целосен „локдаун“.

И во Париз атмосферата беше напната, кога членовите на „Жолтите елеци“ се соочија со полицијата.

Во Торино повеќе стотици демонстранти се судрија со силите на италијанската полиција додека на главниот плоштад се виореа црвени знамиња со срп и чекан.

Потпретседателката на шпанската влада, Кармен Калво, маршираше денеска со членовите на Шпанската социјалистичка работничка партија.

Во Москва, руската Комунистичка партија одржа комеморација за Карл Маркс.

(Фото: АП)