Првпат после 30 години, Гејтс падна под второто место на Форбс

LinkSense.mk

Косопственикот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, првпат во последните триесет години не се наоѓа на едно од првите две места на листата на најбогати луѓе во САД на угледниот магазин Форбс.

Иако неговото богатство во последната година се зголеми за 23 милијарди долари, тоа не му беше доволно да ги престигне Џеф Безос, Елон Маск или Марк Цукенберг, кои забележаа нови рекорди во заработките, благодарејќи, пред се, на порастот на вредноста на акциите, пишува Форбс.

Меѓутоа, се наведува, пазарот на акции не е единствената причина зошто Гејтс падна од второто на четвртото место за една година, туку како причина се наведува и неговиот развод, со оглед дека голем дел од акциите добила неговата сопруга.

Ако Бил и Мелинда останеа во брак, тој ќе беше на третото место.

Составот на богатството на Гејтс изгледа многу поинаку отколку кога првпат се појави на листата на 400 најбогати луѓе во САД, кога „Мајкрософт“ излезе во јавност.

Гејтс во тоа време поседуваше 45 отсто од акциите на „Мајкрософт“, и вредеше 315 милиони долари. Следната година растечката цена на акциите на фирмата го направија најмлад милијардер на светот, вреден 1,25 милијарди во 31 година.

Тој во 1992 година стана најбогат човек во САД, чие богатство се проценило на 6,3 милијарди долари.

Откако во 2000 година отиде од местото извршен директор на компанијата, неговото богатство падна, но и понатаму беше најбогат на светот.

Првпат на второто место падна во 2018 година, кога Безос гои престигна, а на крајот на 2020 го престигна и Маск, а во август оваа година и Цукенберг.

Сепак, според Форбс, рангирањето на милијардерите е нестабилно. Само неколку денови откако конечната листа за 2021 година беше завршена, дојде до пад на Фејсбук, со што Гејтс дојде на трето место.

 

 

 

(Фото: АП)