Превод на „Светилка за Ханука“ од Османли во издание на „Прометеј“ од Нови Сад

Новосадското книгоиздателство „Прометеј”, деновиве ја објави книгата „Светилка за Ханука“ на македонскиот писател Томислав Османли. По прозната книга насловена „Збир-ка-прича“, ова е втора книга на македонскиот автор што ја објавува „Прометеј”.

„Светилка за Ханука“ содржи девет повести – колку што свеќи или кандила има обредната ламба или свеќникот за Ханука, еврејскиот Празник на светлината – исполнети со сугестивни ликови, и бројни теми од животот, но и на страдањето на Евреите, како од Македонија, така и од различни места во поширокиот регион. Прозните приказни се случуваат во меѓувоениот и воениот период пред сѐ во Македонија, во Битола, Штип и Скопје, но и во Белград, Варшава, Атина, Софија, Солун, на островот Закинтос, како и на просторот на географскиот и на фикцискиот, „небесен“ Ерусалим впечатливо доловен во претсмртната апотеоза на еден скромен метлар од Битола во една од прозите на книгата. Во оваа книга, инаку, сугестивно се насликани галери, како од историски познати личности, така и ликови на мали и анонимни луѓе.

За неговата „Светилка…“, во 2009 авторот Томислав Османли ја доби наградата „Прозни мајстори“. Претходно, за една од клучните повести на книгата, „Фотографијата на тетка Рашела“, стана лауреат на Првата награда на престижниот конкурс за расказ на МАНУ и Фондацијата „11 март 1943“. Во Македонија, книгата на Османли доживеаа барем три изданија, првото двојазично – на македонски и воедно на англиски јазик во превод на Љубица Арсовска и проф. Peggy Reid, го публикуваше „Форум“, а останатите две – „Икона“, исто така од Скопје. Во 2009 година Еврејската заедница на Македонија публикува уште едно интерно издание на „Светилка за Ханука“ на српски/хрватски јазик, наменето за големиот собир на еврејските заедници пиширокиот регион „Limmud Keshet Ex-Yu и свечено промовирано во Суботица.

 

На корицата на најновото, новосадско издание на „Светилка за Ханука“ се наоѓа предвоената фотографија на белградското Сајмиште, на кое наместо првичната, нацистите му дадоа трагична пренамена во озлогласен регионален логор на смртта.

 

Инаку, „Светилка за Ханука“ е меѓународно исклучително референтна книга; новелите и расказите од книгата беа објавувани во низа списанија, весници, ревии, портали и публикации: во Полска, САД, Србија, Хрватска, Грција, Белгија, Турција, Аргентина и Израел… Сефардското списание „Los Мuestros“ лоцирано во Брисел, во текот на двегодишни континуирани објавувања, ја публикуваше целата книга на Османли во своите високотиражни објави на англиски јазик, а еден нејзин дел го објавуваше одново и на Ладино (Јудео-шпански), јазикот на Евреите Сефарди, во превод на Sharope Blanco. Главниот уредник на ова списание како и на мрежата Sefarad.org, писателот и публицист Moise Rahmani во својот осврт кон книгата напиша: „Авторската нарација е огнена, неговиот стил запаллив. Зборовите бележат слики во кои читателот завлегува и учествува. Томислав Османли восхитувачки ги доловува ситуациите, ликовите. Кога еднаш се отвора, оваа книга повеќе не се напушта. Таа светлина нѐ осветлува, нѐ просветлува и нѐ тера да зрачиме“. Овој осврт, инаку, го објавува и српскиот издавач во најновото, новосадско издание на „Светилка за Ханука”.

Српското издание на „Светилка за Ханука“, објавено во тираж од 1.000 примероци, ќе може да се најде во како во новосадската книжарница „Мост“, во книжарската мрежа на соседната земја, како и на мрежната страница на книгоиздателството „Прометеј“: Светиљка за Хануку – Прометеј. Главен уредник е Зоран Колунџија, а книгата од македонски ја преведе писателот и преведувач Зоран Ж. Пауновиќ.