Преместување на струшката депонија или нови протести

Советниците од општина Струга на вонредна седница на Советот дискутираа за три предлози за решавање на еколошкиот проблем со струшката депонија, презентирани од преставник од граѓанската иницијатива „Доста“.

Првиот се однесува на превентивни предлог мерки од идно спалување на депонијата со стапување на сила веднаш и траење до преместување или конзервација на депонијата. Конкретни работи што треба да се направат во првиот предлог се зголемување на бројот на чувари на депонијата кои ќе работат нон-стоп, во три смени, поставување на видео надзор и обиколка на теренот од полициски патроли и возила од противпожарната бригада.

Вториот предлог е за релокација, односно преместување на депонијата. Со ова се предвидува сметот од Струга најдоцна до четврти мај годинава да се носи во депонијата во Буково, а и до тој датум најдоцна да почне процес на релокација или конзервација на депонијата.

Третиот предлог на граѓаните предвидувал да се формира комисија од страна на Советот на општина Струга во која еден член ќе биде од граѓанската иницијатива.

На седницата веднаш, без одлагање, беше оформена комисија во чија надлежност е проблемот со депонијата, а во неа се советниците Ардијан Демири и Мирче Аџиоски, Владислав Жупан од општинската администраија, директорот на јавното претпријатие Комунална, Гарип Каба и Глигор Ќатоски, претставник на граѓанската иницијатива.

Комисијата првичните резултати од работата треба да ги презентира на почетокот на мај годинава, најдоцна до 4-ти.

„Ако ништо конкретно не биде направено следниот ден протестот на граѓаните кој моментно е во мирување ќе се радикализира. Ќе го блокираме патот што води до дивата струшка депонија“, велат од „Доста“.

На седницата се дискутирало и за предлози поврзани со проектот за рагионална депонија за Југозападна Македонија.