Заев e Европска личност на годината

LinkSense.mk

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Сараево е прогласен за Европска личност на годината од Агенцијата за избор на најдобар менаџер во БиХ, Југоисточна и Средна Европа и Европското здружение на менаџери.

Премиерот Заев ја доби златната плакета за европска личност на годината од врвни менаџери и политичари, како што е наведено во Одлуката, „за исклучителни заслуги за стабилизација и подобрување на односите меѓу европските држави, посебно меѓу соседите, како и за економска, културна и секоја друга соработка меѓу државите и народите во регионот, за надминување на сите стереотипи и барање најдобри можни решенија во постоечките услови на соработка и пријателства“.

Златната плакета – Европска личност на годината, на премиерот Заев му ја врачи претседавачот со претседателството на БИХ, Денис Звиздиќ.

По добиената награда, Заев имаше обраќање пред околу 500-тините присутни личности од бизнис заедници од регионот и Европа, како и пред актуелни и поранешни врвни политичари од регионот и Европа.

Во обраќањето премиерот се заблагодари за честа што му ја укажуваат организаторите и граѓаните на БИХ со тоа што трета година по ред, втора година како премиер на Република Македонија му ја доделуваат највисоката награда, Златна плакета за европска личност на годината.

Заев, потврди и во обраќањето на Церемонијата дека плакетата европска личност на годината, оваа година ја посветува на сите негов колеги од регионот, премиерите од Босна и Хецеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, како и на колегите од Бугарија и од Грција и на граѓаните на државите.

„Никогаш повеќе Балканот нема да биде буре барут, Балканот ќе биде европски”, порача во обраќањето премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев, придружуван од претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ по настанот даде изјава за медиумите на повеќе актуелни прашања.

Премиерот рече дека Македонија има евро-атлантска иднина, а НАТО и ЕУ значат и економија. Тој додаде дека очекува успешен референдум, дека граѓаните ќе го кажат последниот збор на референдум за тоа каква иднина сакаат. Премиерот Заев го повика претседателот Иванов да го потпише договорот со Грција, откако за него по втор пат даде согласност Парламентот, со што ќе даде простор граѓаните да се изјаснат.

Тој рече дека има правни механизми за обезбедување на волјата на граѓаните, а референдумот е еден од нив, а во врска со можни предвремени избори оцени дека политичарите треба да имаат цел мандат бидејќи не е важно да победат политичарите, туку државата. Премиерот Зоран Заев во изјавата за медиумите во Сараево рече и дека на Самитот на НАТО на 12 јули очекува покана за Македонија.