Десет лица се уапсени, а близу три милиони евра се запленети, во рамки на истрагата за нелегална трговија со злато меѓу Франција и Германија, соопшти денеска Европол.
Златар на возраст од 56 години е уапсен на 21 октомври во воз на границата меѓу Франција и Германија, а кај него при направен претрес биле пронајдени 37.000 евра.
Двајца негови соработници се уапсени во Германија, а еден во Австрија.
Златарот којшто е од Нант е означен за „мозок“ на групата која се бавила со трговија со злато.
Со истрага е утврдено дека нему му биле доставувани големи количини златен накит, за кој се сомнева дека е украден, а тој го претопувал. „Шефот“ потоа преку соработник го продавал претопеното злато во Франфурт.
Се верува дека златарот лани повеќе од 28 пати патувал во градот на Мајна и дека во тие криминални активности заработил најмалку еден милион евра.
Истрагата пред повеќе од една година ја иницирала француската жандармерија.







