Пристигнаа 250 илјади дози од „Фајзер“ донација од Италија за Македонија

LinkSense.mk

Министерството за здравство вчера доцна попладнето презеде донација од 250 илјади дози вакцини против Ковид-19 од производителот „Фајзер“ од италијанската Влада, што се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ. Во среда се очекува да пристигне и втората пратка.

Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на Владата на Италија, а на граѓаните им порача дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.

„Министерството за здравство во континуитет се грижи за да имаме доволен број на вакцини. Вакцините се сигурни, безбедни и на сигурно место во Институтот за трансфузиологија, рече Сали по примопредавањето на донацијата пред Институтот за трансфузиологија.

Тој посака вакцинацијата да биде општоприфатена од страна на граѓаните затоа што, како што рече, единствениот начин за заштита против Ковид-19 во моментов е вакцинацијата.

Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри посочи дека се работи за најголема донација која една држава ја има подарено на Северна Македонија и се придружи на апелот на министерот Сали да се продолжи кампањата за вакцинација, посочувајќи дека благодарение на вакцините, Италија успеала да се справи со пандемијата.

„Во моментов, ние успеавме да вакцинираме околу, 85 до 95 проценти од населението, според соодветни категории, додаде амбасадорот Силвестри.

Артур Ајвазов од Канцеларијата на УНИЦЕФ се приклучи на амбасадорот и министерот со нивните пораки во апелот до населението да се вакцинира. Тој и порача на целата популација да се вакцинира, укажувајќи дека вакцините се безбедни.

Министерот Сали потенцира дека бројот на граѓани кои примиле прва доза на вакцина против Ковид-19 не е доволен, но уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза, која е најсигурниот штитник особено за пациентите со коморбидитети.

„Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат, изјави Сали.

Институтот за јавно здравје преку извештај објавен вчера на неговата веб-страница им препорачува на трудниците да се вакцинираат против КОВИД-19.

„Потребно е да се знае дека бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од КОВИД-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои не се бремени, вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика КОВИД-19 и се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки, бремените жени можат да примат бустер доза. Во моментов нема докази дека која било вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против КОВИД-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина mRNA против КОВИД-19 непосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).

Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето.

„Досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат КОВИД -19 акутни инфекции, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Во претходното деноноќие, состојбата со ковид слична како и во претходните денови. Вчера беа регистрирани нови 690 случаи на Ковид-19 од 2.790 тестови или 24,7 отсто, починале 18 лица, а оздравеле 676 пациенти, информираше Министерството за здравство, повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје. Дополнително, преку „Мој термин“ се пријавени уште три лица кои починале во периодот од 3 до 5 февруари 2022 година.

купниот број на позитивни (690), регистрирани се 94 реинфекции, а од вкупниот број на починати лица (n=21),  6 се целосно вакцинирани, а кај 18 лица се регистрирани коморбидитети.

Од вкупниот број на позитивни (690), регистрирани се 94 реинфекции, а од вкупниот број на починати лица (n=21),  6 се целосно вакцинирани, а кај 18 лица се регистрирани коморбидитети.

Досега во земјата се направени вкупно 1.821.672 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 278.872, бројот на оздравени пациенти е 257.956, на починати е 8.599, а бројот на активни случаи изнесува 12.317.

Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 6500, Битола 790, Кавадарци 560, Куманово 553, Тетово 423, Прилеп 363, Велес 343, Струмица 321, Охрид 291, Гостивар 261. Во другите градови има помалку од 200 активни.

Министерството за здравство во Холандија ја класифицираше Република Северна Македонија како „зона со многу висок ризик“, значи едно ниво повисоко од досегашното, соопштија вчера од Министерството за надворешни работи, од каде додадоа дека за влез во ова земја од утре се предвидени нови услови.

„За сите патници од Северна Македонија кои патуваат за Холандија, ќе важи правилото за задолжителен карантин. Од друга страна, вакцинираните патници (две вакцини и дополнителна трета вакцина/бустер) кои патуваат од многу високо ризични земји не мора да одат во карантин, информираат од МНР.

Воедно, од таму појаснуваат дека од денеска се до 24 февруари за влез во Република Грција е потребно прикажување на Европски дигитален сертификат.

„Доколку имаат навршено најмалку четиринаесет (14) дена од вакцинацијата и не повеќе од 9 месеци по завршувањето на основната вакцинација или без временско ограничување за патниците кои ја примиле и третата доза, потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со методот ПЦР или по контрола со користење на брзи антиген тестови (rapid test), велат од МНР.

Министерската за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера информираше дека состојбата со пандемијата во детските градинки е стабилна, за тоа потврдуваат и податоците кои МТСП ги добива на дневно ниво, како и пресекот на неделна основа.

Таа, во вчерашното интервјуто за ТВ 24 посочи дека сите протоколи за заштита од пандемијата во градинките се почитуваат.

Досега во светот се заразија над 397 милиони жители, починаа 5,7 милиони, а оздравеа 316 милиони луѓе.

Јужниот кинески град Баикса, кој има 3,5 милиони жители, е затворен по појавата на случаи на Ковид-19, во време кога земјата е домаќин на Зимските олимписки игри.

Од завчера жителите на Баиска повеќе не можат да го напуштаат градот, а на оние кои живеат во така наречените ризични зони, каде што се откриени случаи на зараза со Ковид-19, не им е дозволено да ги напуштат домовите, соопштија градските власти.

Баиска, кој е на околу стотина километри од границата со Виетнам, вчера забележа 44 случаи на заразени со Ковид-19 од локално потекло.

Австралија целосно ќе ги отвори границите за сите вакцинирани носители на визи од 21 февруари, изјави премиерот Скот Морисон откако земјата беше затворена за странци речиси две години за да се намали заканата од ширење на коронавирусот.

Во Шпанија, каде што бројот на заразени со коронавирус е намален во последните две недели, повеќе нема да биде задолжително носењето заштитни маски на отворено, соопшти вчера шпанското Министерство за здравство.

Во Шпанија, од почетокот на пандемијата се заразија 10,2 милиони луѓе од вкупно население од 47 милиони жители.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах за весникот „Билд“ изјави дека е убеден оти наскоро ќе следи крај на пандемијата со Ковид-19, како и дека Германија ќе може да ги релаксира епидемиолошките мерки пред Велигден.

Лаутербах наведе дека е „целосно убеден“ дека на есен ќе заврши пандемијата, но само доколку Германија по примерот на Австрија воведе задолжителна вакцинација.

„Нема да излеземе од оваа дилема сè додека имаме огромен број невакцинирани луѓе, посочи Лаутербах.

Во Србија пристигна „Паксловид“„(Paxlovid), најсовремениот лек против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.

Србија е првата земја во континентална Европа која го доби овој лек (во Европа доставен уште во Велика Британија), десет дена откако ЕМА (Европска агенција за лекови) ја одобри употребата и продажбата на овој лек, соопштија од српското Министерство за здравство.

Европската агенција за лекови (ЕМА) на крајот на јануари ја одобри антиковид пилулата од производителот Фајзер, која ќе стане првиот орален антивирусен лек против таа болест одобрен во Европската унија.

 

МИА