Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ги злоупотребува државните и јавни ресурси и преку раководните кадри врши притисоци и заплашувања.
„Владеачката партија врши притисоци, заплашувања, повреда на слободата на определување и поткуп врз вработените за изборни цели“, вели Кирацовски.
Последниот случај, според Кирацовски, е регистриран во Велес. Родител на носител на листа за пратеници од опозициска партија е прераспределен на друго работно место среде изборна кампања.
„Овој и сите вакви случаи се недозволиви и претставуваат злоупотреба на службената положба, и се за секаква осуда“, вели Кирацовски.
Кирацовски ги охрабрува вработените во јавниот сектор да пријават каков било притисок врз нив од страна на раководителите во институциите.