ПРИФАТЕНО ОБВИНЕНИЕ: Судењето против Жан Митрев почнува на 28 февруари

LinkSense.mk

Основниот кривичен суд – Скопје соопшти дека во целост го одобрил обвинението против лекарот Жан Митрев и неговата истоимена клиника, кои се товарат за измама на пациентите за вкупен износ од 97.461.600 денари. Првото рочиште е закажано за 28-ми овој месец.

„Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи во оценка на обвинението против едно физичко лице и Приватна здравствена установа, а поврзано со соопштението на ОЈО Скопје издадено на 23. јануари, ценејќи ги сите приложени факти и аргументи на странките донесе решение со кое актот го одобри во целост. По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој, согласно АКМИС системот, е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 9.30 часот, за што ќе бидат испратени покани до странките“, се вели во соопштението на скопскиот Кривичен суд.

По спроведена истрага, во јануари годинава Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд поднесе обвинителен акт против Жан Митрев и обвинителен предлог против клиниката, чиј сопственик е тој, за продолжено кривично дело измама од член 247 од Кривичниот законик.

Постојат основани сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти довел во заблуда десетици пациенти лекувани во болницата од ковид-19 кај кои била извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, и ги оштетил за вкупно 97.461.600 денари.
Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

Клиника „Жан Митрев“ очекува јавен и транспарентен процес низ којшто, велат, ќе ја докажеле нивната невиност во однос на сите обвинувања кон д-р Митрев и кон болницата.

„Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен. За време на Ковид пандемијата нашата клиника и нашиот персонал одиграа херојска улога, а овој срам и напади кои ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите. Хемофилтрацијата како метод ја користевме за лекување на последици од Ковид, но не и како лек за Ковид. Бесмислени се наводите на ЈО во Обвинителниот акт“, се наведува во соопштението испратено до медиумите.