Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ги посети новоизградениот објект на полициското одделение во Камењане и реновираниот објект на Полициска станица за безбедност во патниот сообраќај во Тетово.
„Многу сум горд и задоволен сум што првиот ден од 2020 година го поминав со колегите од СВР Тетово. Објектот за полициското одделение во Камењане е целосно ново изграден со целата инфраструктура со добри услови за работа на македонските полицајци и исто за поголема безбедност во општина Боговиње. Еден дел од овој објект за полициска станица за безбедност во патниот сообраќај во Тетово е реновиран. По празниците продолжуваме со другите работи како воведување на целосно парно греење и промена на сите внатрешни врати. Четириесет години овој објект не беше реконструиран“, изјави министерот Спасовски.
Освен со средства од буџетот на двата објекти се работело и со помош на донации на приватни компании.
„Двата објекти во одделението во Камењане и оваа станица се реконструирани со средства од МВР и со помош на граѓаните од Тетово и општина Боговиње со компании кои имаат општествена одговорност кои сакаат да помогнат и да вложат, а кога се вложува во македонската полиција се вложува и во безбедноста и иднината на државата“, рече Спасовски.
Тој на претставниците на компаниите им додели благодарници.







