Птичји грип се шири по Европа и Азија

LinkSense.mk

Светската организација за здравје на животни забележа последниве денови неколку сериозни жаришта на птичји грип во Европа и Азија, што покажува дека вирусот повторно почна брзо да се шири.

Заради појава на птичји грип расте загриженоста во преработувачката индустрија со оглед на тоа дека во текот на претходната епидемија беа убиени неколку десетици милиони пердувести животни.

Дополнително, загрижени се и епидемиолозите затоа што овој вирус може да се пренесе и на луѓе.

Кина до сега оваа година пријави 21 инфекција со подвид на птичји грип Х5Н6 кај луѓе, што е повеќе отколку во 2020 година, објави Си-Ен-Ен.

Јужна Кореја извести за појава на оваа болест на фарма со околу 770.000 птици во провинцијата Чунгчеонгбук-до, соопштија од Светската организација за здравје на животните. Сите птици се убиени.

Во Јапонија исто така е забележана првата појава на птичји грип во зимската сезона во 2021 година на фарма на североистокот на земјата.

Што се однесува на Европа, вирусот е забележан во Норвешка во округот Рогаланд кај јато од 7.000 птици, информираа од организацијата. Епидемиите обично се јавуваат во есен и се шират преку дивите птици преселници.

Белгиската влада ја стави земјата под зголемен ризик од причји грип, наложувајќи пердувестите животни од денеска да се чуваат во затворен простор, откако е идентификувана високо патогена варијанта на птичји грип кај диви гуски во близина на Антверпен.

Тоа следеше после сличниот потег во соседна Франција претходно овој месец и во Холандија во октомври.

На мала преработувачка фарма во централна Англија се појавила силен патоген вид на птичји грип Х5, потврди пред една недела британскиот министер за земјоделство, а појавата на птичји грип Х5Н1 на неколку фарми пријави и Полска.

Сите птици на зафатените локации во Британија, кај Алчестер во Варвикшир, ќе бидат усмртени. Болеста се појави помалку од една недела откако Британија прогласи национална зона за превенција од птичји грип, наредувајќи им на фармите и луѓето кои чуваат птици да ги заострат мерките за биосигурност.

Видот Х5Н1 е потврден претходно кај мало јато птици на северот на Велс, кај заробени птици на истокот на Шкотска и во центарот за спасување на птици во централна Англија.

Полска, исто така, пријави појава на птичји грип Х5Н1 на неколку фарми со вкупно 650.000 птици. Вирусот се шири по Европа во последните триесетина дена и уште е потврден во Германија, Италија и Данска.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)