Путин ги повика Русите да се вакцинираат

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес, во своето обраќање во Федералното собрание пред пратениците од Државната дума и сенаторите од Советот на Федерацијата, рече дека корона вирусот не е поразен и дека останува главна закана.

„Сведоци сме на драматични случувања во многу земји, каде што бројот на случаи расте. Мораме да ги држиме сите области под контрола за да се намали ширењето на вирусот, долж нашите граници и внатре во земјата. Ковидот-19 не е поразен и тој останува наша главна закана, заради што постои потреба од почитување на неопходните превентивни мерки за спречување на ширењето на инфекцијата“, истакна рускиот претседател, пренесе агенцијата ТАСС.

Путин го повика народот на Русија да се вакцинира, порачувајќи им дека „нема друг пат“.

Тој, исто така, посочи дека глобалниот здравствен систем е на раб на револуција, што, според неговите зборови, Русија не може да ја пропушти.

Во освртот за претходната година и на времето за пандемијата, рускиот претседател рече дека бил уверен дека Русија ќе ги надмине сите проблеми.

„Власта и општеството беа одговорни и солидарни“, истакна Путин во обраќањето, и додеде дека руските научници во времето на пандемијата направија исклучителен успех, создавајќи три успешни вакцини против короната.

Пандемијата, според неговите зборови, нанела удар на благосостојбата на луѓето и тоа било предизвик за сите земји во светот.

„Најважно е да се обезбеди раст на реалните приходи на граѓаните на Русија и да се оствари напредок во борбата против сиромаштијата“, рече Путин, и истовремено и наложи на владата да подготви систем за поддршка на семејствата со деца.

Патем, најави дека семејствата кои што имаат деца на школска возраст ќе добијат по 10.000 рубљи за секое од нив.

Зачувувањето на народот на Русија, смета тој, е највисок приоритет како и стратегијата да се постигне стабилен раст на бројот на жители.

Обраќањето на Путин се одржа во централната изложбена сала „Мањеж“ во центарот на Москва, а за настанот беа акредитирани 450 претставници на медиумите.