Путин и Бајден ќе се сретнат во вилата „Ла Гранж“

Министерството за надворешни работи на Швајцарија кое е домаќин на самитот на претседателите на Русија и САД соопшти дека Путин и Бајден ќе разговараат на 16 јуни во вилата „Ла Гранж“ на Женевското езеро.

Швајцарската полиција веќе затвори два парка кои се наоѓаат во близина на вилата, која заради безбедносни причини ја оградија со метална ограда.

Вилата „Ла Гранж“ се наоѓа на левиот брег на Женевското езеро. Швајцарците одбраа навистина убав амбиент за одржување на самитот затоа што старата вила е опкружена со цвеќници, фонтани и шума. При изборот на местото за преговори се согласиле и двете безбедносни служби, таа на Русија и таа на САД.

Изјавите на претседателот на САД пред предвидените средби со сојузниците не се разликуваат од оние кои ги даваа неговите претходници. Бајден, исто така, ветува дека Америка е подготвена да ги заштити своите сојузници. И тој истакнува дека САД се подготвени да ги штитат своите стратешки интереси.

И во Москва непосредно пред самитот велат дека Путин ќе му рече на Бајден дека Русија е подготвена да ги заштити своите интереси. Путин на својот американски колега ќе му објасни дека приемот на Украина во НАТО нема да донесе стабилност во Европа, туку тоа би можело уште повеќе да ги влоши односите.

Но, дали Украина и Грузија ќе станат членки на НАТО не зависи само од Вашингтон. На тоа досега се противеа Германија и Франција.

 

 

(Фото: Новости)