Путин и Бајден ќе се сретнат во Швајцарија!?

Швајцарија најверојатно ќе биде домаќин на средбата на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега, Џо Бајден во јуни, објави денеска „Комерсант“, повикувајќи се на извори од руската влада.

Бајден, којшто во март рече дека мислел дека Путин е „убиец“, што ја предизвика Москва да го повлече амбасадорот од Вашингтон на консултации, изјави дека сака да разговара со Путин во текот на планираната посета на Европа следниот месец, пренесе Ројтерс.

Белата куќа соопшти дека разликите меѓу Вашингтон и Москва би требало да бидат решени пред средбата, а Кремљ одговори дека ја разгледува можноста за одржување на средбата.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен ќе се сретнат кон крајот на тековната седмица на Исланд, што ќе биде американско-руски разговор на највисоко ниво откако Бајден ја превзеде функцијата претседател на 20 јуни.

Се очекува во текот на состанокот Лавров и Блинкен ќе разговараат за подготовките за потенцијалната средба на двајцата претседатели.

Бајден предложи разговорот со Путин да се одржи на 15 и 16 јуни во некоја европска земја, напиша московски „Комерсант“ минатиот месец.

 

 

(Фото: АП)