Разорен ураган ја погоди Куба, во опасност и Луизијана

Ураганот Ида ја погоди денеска Куба, а се заканува со разорна сила во текот на викендов да ја погоди и сојузната американска држава Луизијана заради што е наредена евакуација во главниот град на Њу Орлеанс и поширокото крајбрежно подрачје.

Ида денеска нагло зајакна и премина од ниво на тропска бура во ураган, носејќи со себе ветришта со брзина од над 120 километри на час додека преминуваше преку западна Куба кон Мексиканскиот залив.

Американскиот Национален центар за урагани предвидува дека Ида ќе се засили во исклучително опасен ураган од четврта категорија со ветрови од 225 километри на час, пред да го погоди утре брегот на САД, пренесува АП.

Градоначалничката на Њу Орлеанс, Латоја Кантрел, нареди да се евакуираат сите кои живеат надвор од системот на насипот кои го штитат градот од поплави.

Таа не прецизираше колку луѓе живеат во тие делови, но ги предупреди граѓаните кои имаат здравствени проблеми и други специјални потреби итно да го напуштат загрозеното подрачје.

Латоја Кантрел рече дека бурата за кратко време многу зајакнала и дека не е можно да нареди задолжителна евакуација за цел град затоа што нема време.

Градските власти ги предупредиле граѓаните да бидат подготвени на долг прекин на струја и побараа од постарите жители да ја разгледаат можноста за евакуација.

Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, прогласи вонредна состојба во четвртокот, а вчера рече дека од претседателот на САД, Џо Бајден, побарал федерално прогласување на итна состојба и пред Ида да стигне до американско тло.

Постои се поголем ризик од удари на бури опасни по живот, разорни урагански ветришта и обилни врнежи во недела и во понеделник, посебно долж крајбрежјето во Луизијана“, предупредуваат од Центарот за урагани.

Се очекува дека бурата ќе ја погоди Луизијана на ист ден како и ураганот Катрина пред 16 години, кога беше опустошен голем дел од крајбрежјето.

 

 

(Фото: АП)