Според податоци на Државниот завод за статистика, стапката на пораст на бруто-домашниот производ за четвртото тримесечје од 2016 година изнесува 2,4 отсто.
Во четвртото тримесечје од 2016-та, најголем пораст е забележан во секторите: градежништво од 28,5 отсто, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 9,8 отсто и земјоделство, шумарство и рибарство од 1,8 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2016 година номинално пораснала за 5,8 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 64 отсто.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголемил за 8,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележал зголемување во номинален износ од 2,4 отсто.







