Во Германија започна шестмесечен експеримент на четиридневна работна недела – најавен на 1 февруари, а кој од денес зема вистински замав – кој ќе им овозможи на вработените во 45 компании низ земјата да работат еден ден неделно помалку за истата плата.
Иницијативата, која вклучува само фирми чии активности можат да се прилагодат на пократка работна недела, ја покрената и ќе ја управува берлинската консултантска компанија „Интрапринар“ (Intraprenör) во соработка со невладина непрофитна организација (4 Day Week Global).
Поддржувачите на пократка работна недела се надеваат дека работата од четири дена ќе ги направи работниците посреќни и попродуктивни, во време кога Германија мака мачи со забавување на растот на продуктивноста и недостаток на работна сила.
Продуктивноста обично се пресметува со делење на економскиот аутпут со работни часови. Откако во ноември 2017 година го достигна историскиот максимум од 105,20 поени, продуктивноста на Германија е во постојан пад, според податоците на Дојче Бундесбанк (Deutsche Bundesbank), иако и понатаму е повисока од другите големи економии во Европа.
Во ноември минатата година, што е најновиот достапен податок, продуктивноста падна на 95,80 поени, од 96,79 поени во октомври, пренесува Еуроњус.
Според приврзаниците за четиридневна работна недела и голем дел од работниците кои веќе имале ваков режим на работа, работењето еден ден помалку во неделата го зголемува задоволството и мотивацијата на работниците и ги прави попродуктивни.
Претходните експерименти во САД и Канада покажале дека зголемување на ефектот во таков режим на работа е можно. Работниците пријавиле општо подобрување на здравствената состојба, а компаниите не се вратиле на петдневната работна недела, објави Блумберг.
Во Велика Британија во слична програма учествувале 61 фирма, работните резултати биле добри, а боледувањата се намалиле за 65 отсто.
Работењето помалку часови неделно, исто така, може да ги убеди оние кои не сакаат да работат цела недела да влезат на пазарот на трудот, што би помогнало да се намали проблемот со недостигот на работна сила што ги погодува индустријализираните земји ширум светот.
Германија во моментов се бори со недостиг на квалификувани работници во брзорастечките сектори.
Во ноември минатата година, Трговско-индустриската комора објави дека половина од германските компании се мака мачат да ги пополнат слободните работни места.
Илјадниците непополнети работни места во германската економија се причина земјата лани да загуби повеќе од 90 милијарди евра, што е повеќе од 2 отсто од германскиот БДП, според заменикот на главниот извршен директор на комората, Ахим Деркс.
Иако е нејасно дали пократката работна недела навистина на кој било начин ќе го реши овој проблем, изгледа дека Германците се возбудени што ќе се обидат со тоа.
Истражувањето на јавното мислење на Институтот Форса покажа дека 71 отсто од испитаниците кои работат во Германија би сакале да имаат можност да работат само четири дена во неделата. Нешто повеќе од три четвртини од анкетираните изјавиле дека го поддржуваат владиното разгледување на можноста за воведување четиридневна работна недела.
Значително мнозинство од 75 проценти веруваат дека четиридневната работна недела би била пожелна за вработените, а мнозинството од 59 проценти сметаат дека тоа треба да биде остварливо и за работодавачите.
Речиси половина од работодавачите, 46 отсто од нив, сметаат дека пробната четиридневна работна недела на нивното работно место е изводливо.
Според истражувањето на американската консултантска и аналитичка компанија „Галуп“, нискиот ентузијазам на работниците глобалната економија годишна ја чини загуба од 8,1 милијарди евра, дури девет отсто од светскиот БДП.