Регистрирани уште три земјотреси меѓу три и четири степени и 30-тина послаби

Уште три земјотреси со локална магнитуда меѓу три и четири степени според Рихтеровата скала се регистрирани денеска во државава. Првиот во 6 часот со интензитет од 3,6 степени, вториот во 12 часот со интензитет од 3,8 степени, а третиот во 13:26 часот со интензитет од 3,7 степени, изјави за МИА, Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природноматематичкиот факултет во Скопје.

Таа посочи дека епицентарот на земјотресите бил на границата меѓу епицентралното подрачје на Кичево и Гостивар – Тетово.

– Покрај овие три, регистрирани се околу 30-тина послаби земјотреси.

Активноста на раседите од епицентралното подрачје Кичево и Гостивар – Тетово се причина за појава на овие земјотреси, додаде Черних.

Рано изутрината во 04 часот и 54 минути беше регистриран земјотрес со локална Рихтерова магнитуда од пет степени во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар на 50 километри југозападно од Скопје. Како што соопшти изутрината Сеизмолошката опсерваторија при Природноматематичкиот факултет во Скопје, земјотресот најсилно бил почувствуван во Гостивар и Маврово со пет степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со четири, а во Битола, Прилеп и околината со три степени.