Рохани: Се надевам дека Бајден ќе се врати на американската политика од пред четири години

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска повтори дека има надеж дека новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, ќе ја врати американската политика кон Иран до точката на која ја остави како потпретседател пред четири години, јави иранската државна телевизија.

Доколку Иран и САД можат да го пронајдат патот назад кон „ситуацијата од 20 јануари 2017 година“, денот на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп, „тоа би било одлично решение за многу прашања и проблеми“, пренесуваат американските медиуми.

За време на мандатот на Доналд Трамп дојде до ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, доведувајќи ги двете земји на почетокот на оваа година и до работ на војна.

Во меѓувреме, Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор со Техеран.

Рохани го повика Бајден „експлицитно да ја осуди“ кампањата на Трамп за максимален притисок и да „ја компензира погрешната политика што се следеше во последните четири години“.