Русија и во време на војна заработува од продажба на нафта

LinkSense.mk

Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилни горива за време на првите 100 дена од војната во Украина, при што најголемиот дел од извозот бил испратен во Европската унија, со просечна извозна цена од околу 60 отсто повисока од минатата година, според нова студија.

Извештајот на независниот центар за истражување на енергија и чист воздух со седиште во Финска покажа дека ЕУ увезла околу 61 отсто од вкупниот извоз на фосилни горива на Русија во текот на првите 100 дена од војната во Украина. Станува збор за гориво во вредност од околу 57 милијарди евра.

Најголеми увозници биле Кина со 12,6 милијарди евра, Германија со 12,1 милијарди евра и Италија со 7,8 милијарди евра, се наведува во извештајот што го пренесува агенцијата Франс прес.

Приходите на Русија од фосилни горива доаѓаат прво од продажбата на сурова нафта (46 милијарди), а потоа следат гасот, нафтените деривати, течниот природен гас (ЛНГ) и јагленот, пишува Гардијан. И покрај тоа што рускиот извоз опадна во мај, а земјите и компаниите избегнуваа испораки поради инвазијата на Украина, глобалниот раст на цените на фосилните горива продолжи да ја полни касата на Кремљ, при што приходите од извозот достигнаа рекордно високо ниво. Просечните извозни цени на Русија беа за околу 60 отсто повисоки од минатата година, според Центарот за истражување на енергија и чист воздух.

Некои земји ги зголемија купувањата од Москва, вклучувајќи ги Кина, Индија, Обединетите Арапски Емирати и Франција, се додава во извештајот.