Русија не може да исплати обврски за државниот долг во странска валута, за првпат од 1918 година, тврди Блубмерг

LinkSense.mk

Русија веќе не може да ги исплати обврските по основ на државниот долг во странска валута за првпат по повеќе од еден век, јави Блумберг.

Со месеци, земјата можеше да најде начини да ги заобиколи санкциите наметнати од Западот поради инвазијата врз Украина, но на крајот на неделата измина грејс периодот за исплата на камати од околу 100 милиони американски долари и пропуштањето се смета за неможност за подмирување на девизниот долг – за првпат од 1918 година.

Сепак, потврдата за тоа може да потрае некое време, забележуваат американски медиуми.

Имајќи ја предвид штетата што веќе ја претрпе руската економија, неисполнувањето на обврските во моментов е главно симболичен настан и веројатно слабо ќе влијае врз обидите на Русија да се справи со двоцифрената инфлација и најсилното намалување во економијата во изминатите години.

Минатиот месец, американското Министерство за финансии ја блокираше способноста на Москва да ги плаќа своите долгови кон меѓународните инвеститори преку американските банки.

Руското Министерство за финансии постојано објавуваше дека земјата ќе продолжи да ги и сполнува своите должнички обврски и покрај одбивањето на САД да ја продолжат лиценцата за услуга, а плаќањата ќе се вршат во рубљи.