Русија: Стравот ја зголеми вакцинацијата

Во Москва вчера почна повторно вакцинација на оние кои се вакцинирани пред шест месеци или пред половина година го прележале вирусот корона.

На 12 места граѓаните на Москва можат пак да добијат вакцина „Спутник В“ или „Спутник лајт“. Причината за повторното вакцинирање е што после шест месеци почнува да паѓа бројот на антитела кај вакцинираните лица.

Министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, објасни дека после стабилизирањето на состојбата во Русија и кога ќе се постигне колективен имунитет, граѓаните ќе се вакцинираат против корона еднаш годишно.

Во Русија е планирано до крајот на август да се вакцинираат 60 отсто од населението. Но, интересот за вакцинација, особено кај младите луѓе беше многу слаб. Дури откако болниците почнаа повторно да се полнат со заболени од ковид-19 и бројот на заинтересирани за вакцинирање се зголеми. Сега е најголем интересот за вакцинирање во Москва, Чеченија и во Тјуменската област. Во последните 45 дена во руската престолнина се вакцинирани околу два милиона луѓе.

Една од причините за растот на бројот на вакцинираните е тоа што сега газдите на компаниите бараат нивните вработени да ги имаат примено двете дози. Друга причина е и тоа дека со воведување на QR – кодовите оние кои не се вакцинирани нема да можат да влегуваат во ресторани, кафетерии и на приредби…

(Фото: АП)