Руско „њет“ за осум европски функционери

Русија им забрани влез на осум европски функционери, вклучувајќи ги и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и потпретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова.

Оваа одлука ја соопшти вчера руското Министерство за надворешни работи.

„Европската унија ја продолжува политиката на еднострани рестриктивни мерки, насочени кон руските граѓани и организации“, се наведува во соопштението, пренесе Дојче Веле.

Главниот државен обвинител на Берлин, Јорг Раупач, исто така е меѓу оние на кои им е забранет влезот во Руската федерација.

Забраната за осумината европски функционери следи по изрекувањето на казни на двајца руски државјани обвинети за прогон на хомосексуалци во Чеченија и воведените санкции за четворица високи руски владини службеници блиски на претседателот Владимир Путин.