Руте: Македонија ги исполни условите за влез во Унијата

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев му беше домаќин на премиерот на Холандија, Марк Руте, во неговата прва официјална посета на Македонија.

На средбата Заев го изрази своето и задоволството на Владата од интензивираниот политички дијалог на високо ниво во последните неколку години.

Холандија е важен партнер на Македонија во НАТО. Постигнавме силни билатерални врски и развивме соработка во последните 28 години. Дополнително, Холандија стана наш најпосветен поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ, истакнал Заев на средбата со неговиот холандски колега.

Тој нагласил дека македонската Влада силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во Европската унија. Биле поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на унијата.

Заев, меѓу другото, изразил благодарност за доследната холандска поддршка во градењето на Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија, нагласувајќи дека Холандија е најголемиот билатерален донатор, а Македонија е под холандската конституенца во Светска банка.

Информациите од владината прес служба се дека Заев го информирал Руте и за најновата иницијатива „Отворен Балкан“ меѓу Македонија, Албанија и Србија, која има за цел да го демонстрира заедничкиот капацитет на регионот и да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани и бизниси што е комплементарно со пристапниот процес преку кој ќе овозможи подобро да се подготвиме за целосна интеграција во политиките на ЕУ.

Премиерот Руте, од своја страна, ја изразил поддршката за процесот „Отворен Балкан“ и додаде дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.

На средбата било констатирано дека во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на Европската унија кон Западен Балкан и било истакнато дека процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската Комисија, заедно со уште еднаш повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со Унијата.