Трет водител и жесток противник на вакцинацијата, месецов почина од коронавирусот

– Уште еден радиоводител од САД, и жесток противник на вакцинацијата против коронавирусот, почина од последиците од болеста Ковид-19. Марк Берние почина по тринеделна битка со болеста. Тој имаше 65 години.

„Со голема тага, ВНДБ објавува за смртта на Марк Берние, кој ги информираше и забавуваше слушателите на ВНДБ повеќе од 30 години“, објави станицата од Дејтон Бич, Флорида, САД.

Берние се заразил пред три недели. Домаќинот-водител, кој себеси се нарече „Господин Антивакс“, исто така, велеше дека американската влада „се однесува нацистички“, оти ги принудува луѓето да се вакцинираат.

Истиов месец, осум дена претходно, почина и Фил Валентајн – 61-годишен радиоводител од американската сојузна држава Тенеси. И тој ги исмејуваше вакцините против коронавирус, но почина од болеста. Тој се бореше со вирусот еден месец.

Дик Фарел, поранешен коментатор на „Њузмакс“, и тој ревносен антиваксер, исто така – предоцна се премисли. Тој водител од јужна Флорида почина на 6 август, и тој на 65-годишна возраст, откако им порачуваше на слушателите да не се вакцинираат, нарекувајќи ја коронапандемијата – „измама“.

И Фарел и Валентајн, како што се влошуваше нивната состојба, ги повикаа пријателите и обожавателите да се вакцинираат во секој случај, жалејќи што и самите не го направија тоа.