Санкциите ќе го чинат Минск пет милијарди долари

Земјите на Европската унија и Соединетите Американски Држави веќе од јуни ќе почнат економски да ја „дават“ Белорусија.

Главниот удар ќе бидат санкциите против белоруските рафинерии и хемиската индустрија, а се очекува и бојкот на други стоки. Минск не може да смета ниту на нови кредити, па ќе мора да се потпре на Русија и на нејзините можности.

Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелус Ландсбергис, смета дека Унијата треба што поскоро да престане да купува нафтени деривати од Белорусија. Освен тоа, намерата е да се игнорира продажбата на белоруското вештачко ѓубриво. Се предлага и забрана за продажба на висока технологија на Белорусија.

Многу пред инцидентот со присилното спуштање на авионот, САД објавија санкции против Белорусија кои треба да стапат на сила на почетокот на јуни, затоа што беше одреден „преоден период“ од 45 денови.

На американскиот црн список се најголемите белоруски нафтени и хемиски компании „Нафтан“, „Белнафтехим“ и „Гродно Азот“.

Најголемиот извоз на нафтени деривати од Белорусија во 2019 година беше во Велика Британија и изнесуваше околу 2,2 милијарди долари, а во останатите европски земји уште околу две милијарди.

Што се однесува до извозот на вештачко ѓубриво, 14 отсто оди во земјите од Европската унија, а во САД само четири отсто. Инаку, најголем извоз на белоруско вештачко ѓубриво е во Бразил (18 отсто), Кина и Индија.

Среќна околност за Минск е дека третина од белоруските машини се извезуваат во Русија, отприлика толку колку што се продаваат во сите европски земји.

Проблем за Европската унија настана кога е во прашање авио-сообраќајот, затоа што Брисел ги повика авио-компаниите од земјите-членки да го одбегнуваат воздушниот простор и територија на Белорусија. А вчера белоруската национална авио-компанија „Белавиа“ соопшти дека е принудена да ги откаже летовите до осум земји, во периодот од 27 мај до 30 октомври, заради забрана на летови кон тие држави.

Економистите велат дека новите санкции можат да направат проблеми и да предизвикаат „дупка“ во белорускиот буџет од најмалку пет милијарди долари.

Заради незавидната ситуација во која моментно се најде Белорусија, голема надеж се полага во помош од соседна Русија.

На денешниот состанок со Владимир Путин, Лукашенко ќе разговара за економските односи меѓу двете земји, но и за најновите западни санкции.

Според вчерашната изјава на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, на средбата Путин ќе го покрене и прашањето за руската државјанка Софија Сапега, партнерката на белорускиот опозиционер Роман Проташевич, која со него неодамна беше уапсена во Минск.