Светиот благодатен оган пристигна во Македонија

На аеродромот во Скопје вечерва директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, го донесе Светиот благодатен оган.

Благодентниот оган беше преземен во Атина од грчката државно-црковна делегација која го донесе од Ерусалим, каде на Велика Сабота се симнува во Христовиот гроб, а потоа се носи ширум светот.

Сотировски му го предаде огнот на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во резиденцијалниот манастир Св. Георгиј Победоносец и на свештеници од епархиите кои го однесоа низ градовите ширум државата.

Архиепископот г.г. Стефан и Сотировски им посакаа убави празнични мигови на православните верници во татковината и ширум светот и потсетија на апелите за задолжително придржување до мерките за заштита од корона вирусот и задолжителното носење на заштитна маска во храмовите и надвор од нив.