Светската банка предвидува раст на македонската економија годинава од 3,6 отсто

Светската банка во најновиот извештај предвидува раст на македонската економија годинава од 3,6 отсто, следната година растот е проектиран на 3,5 проценти, а во 2023 на 3,4 отсто.

За земјите од регионот проектирано е Албанија годинава да има раст на БДП од 4,4 отсто, Босна и Херцеговина 2,8 отсто, Косово 4 отсто, Црна Гора 7,1 отсто и Србија 5 отсто.

Во 2022 година според најновата прогноза на Светската банка економијата на Албанија треба да има раст од 3,7 отсто, БиХ 3,5 отсто, Косово и Црна Гора од 4,5 отсто и Србија 3,7 отсто.

Во 2023 година растот на БДП во Албанија е проектиран на 3,7 отсто, БиХ, исто така, на 3,7 отсто, Косово 4,1 отсто, Црна Гора на 3,5 отсто и Србија 3,9 отсто.

Банката во јунскиот извештај „Глобални економски перспективи“ предвидува дека економијата во светски рамки ќе забелижи раст во 2021 година за 5,6 отсто, што претставува најбрзорастечко темпо по период на рецесија во последните 80 години, главно благодарените на подобрувањето на перформансите на неколку големи економии.

– Сепак, многу економии во развој и натаму ќе се борат со пандемијата на Ковид-19 и нејзините последици, оценува Светската банка.

Според Банката, и покрај закрепнувањето, глобалното производство до крајот на оваа година ќе биде на ниво од околу два проценти под проекциите поставени во периодот пред пандемијата.

– Загубите на приходите по глава на жител нема да бидат надминати до 2022 година во околу две третини од економиите во развој, се вели во извештајот.

Банката посочува дека во сиромашните економиите, каде процесот на вакцинација е бавен, ефектите од пандемијата се одразија негативно на напорите за намалување на сиромаштијата и ја влошија несигурноста и другите долгорочни предизвици.

– И покрај тоа што има позитивни показатели за глобално закрепнување, пандемијата продолжува да влијае врз сиромаштија и нееднаквост на луѓето во земјите во развој низ целиот свет. Од суштинско значење ќе бидат глобално координираните напори за забрзување на дистрибуцијата на вакцини и отпишување на долговите, посебно за сиромашните земјите.

Како што се намалува здравствената криза, така креаторите на политиките ќе треба да најдат решенија за трајните последици на пандемијата и да преземат чекори за поттикнување на зелениот, еластичен и инклузивен раст, притоа задржувајќи ја макроекономската стабилност, оцени претседателот на Светската банка Дејвид Малпас.