СДСМ: Борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – приоритет во преговорите за новата влада

СДСМ води сериозни преговори за формирање влада со полн четиригодишен мандат, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот, на која еден од главните приоритети ќе и биде борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа. соопшти партијата.

-Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Заеднички ќе биде договорен систем за проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер. За раководителите кај кои е утврдено нечесно работење следуваат санкции, наведоа денеска во соопштение од СДСМ.

Според партијата, тие што во име на граѓаните водат институции, мора да бидат отчетни, транспарентни и чесни и затоа, наведуваат, воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт.

-Корупцијата е непријател на граѓаните и на институциите и затоа граѓаните на изборите на 15 јули ни дадоа мандат да се избориме со криминалот и корупцијата на сите нивоa. Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните, стои во соопштението од СДСМ.

Оттаму вчера соопштија дека започнуваат сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање Влада.