СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во клинч за Охрид

„По примерот на развиените европски земји, новата реформска Влада ќе подготви нов Закон за заштита на културното наследство. Во него ќе биде содржана листа на споменици од национално значење, што ќе биде документ од јавен карактер, достапен на граѓаните. Никогаш повеќе да не се случи катастрофата што сега му се случува, на пример, на Охрид, со загрозениот статус во УНЕСКО, поради необмислените зафати на археолошкиот локалитет Плаошник, апсурдното уништување на брегот на Охридското езеро, штетните последици врз националниот парк Галичица“, наведе во своето обраќање на денешната прес конференција Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

Алаѓозовски, меѓу другото, спомена и тоа дека Меѓународниот Ден за културни споменици и локалитети – 18. април, што оваа година се фокусира на културно наследство и одржлив туризам, Република Македонија никогаш повеќе не треба да го дочекува со запоставени и уништени, вредни и важни историски локалитети и бесценети природни и културни богатства.

„Причина за ваквата состојба се тендер политиките на криминалната власт којашто мисли единствено на полнење на приватни џебови и сметки. Но тоа време завршува. Многу брзо, новата реформска влада предводена од СДСМ ќе ги стопира сите непромислени и криминални проекти вклучувајки ги и овие во културата. Ќе извршиме ревизија на сите сомнителни активности на скопско Кале, градбите на Плаошник во Охрид, ски-центарот на Галичица, плажата во Лагадин и низа други, што претставуваат директна закана врз културното и природното наследство. Заедно со граѓаните и експертската јавност ќе донесеме транспарентни системски измени и решенија за управувањето со Охрид, како светско културно наследство. Новата Влада ќе изработи стратегија за санирање на состојбите во коишто се наоѓа културното наследство. Ќе воведеме систем на задолжително финансирање на спомениците од листата на споменици од национално значење, по принципот на категорија на вредност и степен на загрозеност, без фаворизирање на одредени видови културно наследство. Дополнително, ќе има законски механизми за вреднување на современата уметност и архитектура. Ќе ги заштитиме значајните објекти од рефасадирање“, рече Алаѓозовски.

На ова веднаш следеше реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС е уценета партија. СДС мора да враќа кредити кон сите нарко-криминални групи и кон сите поединци кои не и мислат добро на Македонија, кои го негираат македонскиот идентитет и сакаат да ја редефинираат државата врз основа на Тиранската Платформа. Сервилниот СДС сега срамно се труди да го сврти вниманието од својата деструктивна и антидржавна политика со апсурдни прес конференции на Алаѓозовски и нему сличните кои се ставаат во одбрана на криминалите на Заев и криминалната врхушка на СДС. Лагите на криминалецот Заев веќе не минуваат, а граѓаните секојдневно во се поголем број се на улиците низ градовите на Македонија. Денешниот прес на СДС претставува политички памфлет, во кој, како по обичај Алаѓозовски ја покажува својата елементарна некомпетентност за работите кои се обидува да ги коментира“, се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Алаѓозовски.