СДСМ и ДОМ против планот за измена на ДУП во Аеродром

СДСМ и ДОМ бараат Општина Аеродром да го поништи спорниот ДУП, со кој ќе се бетонираат големи површини зеленило во една од најзагадените општини градоначлникот на Општина Аеродром, а Ивица Коневски проблемот со големото загадување во Аеродром да го постави на централно ниво и да им каже на граѓаните дали и како ќе се справат со овој проблем што го предизвикаа.

Во спротивно, ДОМ ќе поведе иницијатива за преиспитување на уставноста на самата постапка за носење на ДУП-от, што дава можност за изрекување привремена мерка за стопирање на неговото спроведување.

„Ивица Коневски и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исекоа сите паркови и зелени површини во Аеродром и за тендер интереси поставија непотребен бетон каде стигнаа. Дозволија да се градат згради една до друга со што ја нарушија природната циркулација на воздухот. Должни се да се справат со последиците! Недозволиво за еден градоначалник и една локална власт е да го загрозат здравјето на своите сограѓани. Тоа го направија Ивица Коневски и советниците од ВМРО-ДПМНЕ во општината Аеродром со тендер политиките што се одразија со огромна загаденост на воздухот во општината. Граѓаните на Аеродром дишат отровен воздух. Со месеци и навечер и наутро концентрациите на опасните ПМ10 честички се и до 20 пати над дозволените граници. Аеродром е меѓу најзагадените општини во Македонија и во Европа“, рече на прес-конференција Златко Марин, претседател на ОО СДСМ Аеродром.

Според него, криминалните власти од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно вршат убиство од небрежност врз граѓаните на Општина Аеродром, а за последиците ќе има одговорност.

 

 

„Апсолутно е спорна постапката за носење на ДУП-от, ставен како итна точка, без никакво образложение, но исто така и донесувањето на истиот скандалозен план, без усвојување на ниту една забелешка од жителите на населбата. Згора на се, ДУП-от се носи во лимбо период на локалната самоуправа, создаден поради политичката криза во земјата, кога всушност требаше да течат активностите за локалните избори„ се вели во партиското соопштение на ДОМ.

Носењето на овој ДУП, велат од ДОМ, го оспоривме уште пред една година, кога реагираа и граѓаните што живеат таму.

„Тој е еден од оние проблематични ДУП-и за кои бараме стопирање и ревизија, заедно со измени во законската регулатива за просторно и урбанистичко планирање, за градење, за градски архитект, како и носење на вистински Закон за урбано зеленило. Затоа, повеќе од итно е потребно формирање нова Влада која ќе може да се посвети на заштита на животната средина и да ги слушне и испочитува потребите на граѓаните“, се посочува во соопштението.