Од први јануари Македонија и официјално го презеде претседавањето со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 земји меѓу кои се и САД и Русија. Ова, сметаат од владејачката СДСМ, е еден од најголемите успеси на македонската димпломатија.
Во 2023 година кога светот се уште е во деликатен период поради агресијата врз Украина, токму нашата, македонска држава ќе има важна улога во зачувување на светскиот мир и стабилност, истакнуваат социјалдемократите.
„Ако до пред неколку години, стоевме надвор и чекавме одлуки за нашата иднина, денес седиме на главните маси на најголемите светски организации и сами решаваме не само за нашата, туку и за светската иднина. Бевме држава категоризирана како заробена и потенцијален извор на нестабилност, а денес претседаваме со најголемата безбедносна организација во светот. Денес, нашата држава е полноправна членка на НАТО и ги почна преговорите за членство во ЕУ, со заштитен македонски јазик и со потврден македонски идентитет“, истакна портпаролот на СДСМ и пратеник, Дарко Каевски на денешната прес конференција.
Сето ова што го постигнавме, истакна Каевски, сме го постигнале благодарение на успешните и одговорни политики на Владата предводена од СДСМ.
Тој нагласи дека претседавањето со ОБСЕ е уште еден државнички успех на СДСМ и поттик за нови успеси на меѓународен и домашен план.







