Севернокорејски дипломати вмешани во „холивудскиот“ атентат?

Малезиските власти тврдат дека во убиството на Ким Јонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, најверојатно се вмешани и дипломати на Пјонгјанг.

Јонг-нам беше отруен на влезот од аеродромот во малезиската престолнина Куала Лумпур, а атентатот беше забележан и на безбедносните видеокамери.

На снимката може убаво да се забележи како две жени му приоѓаат на членот на севернокорејското претседателско семејство, по што на лицето му нанесуваат отров.

Малезиската полиција, во меѓувреме, ја зголеми безбедноста во мртовечницата каде што се наоѓа Јонг-нам, по наводниот обид за кражба на неговото тело. Јонг-нам, кој беше поврзан со безбедносниот апарат и со девизни малверзации, помина повеќе години во егзил и често ги критикуваше политичкиот и економскиот систем на Северна Кореја, пренесуваат светските медиуми.

Малезиската полиција соопшти дека сака да испита двајца Севернокорејци, осомничени за атентатот и убиството на Јонг-нам.

Шефот на полицијата Калид Абу Бакар потврди дека станува збор за Хјонг Кванг-сонг (44), висок дипломат во севернокорејската амбасада во Куала Лумпур, како и за Ким Ук-ил, вработен во севернокорејската државна авиокомпанија „Ер Корио“.

„Има информации дека во убиството е вмешан уште еден Севернокореец, Ри Џу-у. Сите тројца се во Малезија. Жените, за кои се сомнева дека со отров го намачкале Ким Јонг-нам по лицето, биле обучени да ракуваат со отровни материи“, истакна Абу Бакар.

Според него, осомничените Севернокорејци им дале отровна течност на жените, кои потоа му ја нанеле на лицето на Јонг-нам на аеродромот во Куала Лумпур на 13 февруари. Засега не е познато каков отров е употребен, но сигурно бил доволно јак за да го усмрти полубратот на севернокорејскиот лидер, пред да стигне до болница.

Малезиската полиција соопшти дека осомничените жени знаеле дека станува збор за отровна материја, како и тоа дека добиле инструкции да ги измијат рацете. Абу Бакар додаде дека на снимките од безбедносните камери може да се види како двете жени се оддалечуваат од Јонг-нам, држејќи ги рацете подалеку од телото.

„Жените го вежбале нападот во два трговски центра во Куала Лумпур. Веруваме дека убиството било планирано и дека тие биле обучени да го извршат атентатот“, истакна шефот на полицијата во Куала Лумпур.

Би-би-си пренесува дека една од осомничените жени, идентификувана како Сити Асијах, пред полицијата изјавила дека мислела оти учествува во „скриена камера“ на телевизија, но Абу Бакар порача дека тие добро знаеле што прават. Според него, сѐ уште не е јасно кој го наредил и организирал атентатот, иако не се исклучува можноста зад ликвидацијата да стои највисокото раководство во Пјонгјанг.

grafika_mk

Ким Јонг-нам беше најстариот син на починатиот севернокорејски лидер Ким Јонг-ил и постар полубрат на актуелниот претседател Ким Јонг-ун. Во 1979 година тој ја почна 10-годишната „одисеја“ – студирање и живеење надвор од Северна Кореја. Јонг-нам престојува во Русија и во Швајцарија, пред да се врати во татковината кон крајот на 1980-тите години.

Изложеноста на надворешниот свет и нетрпеливоста поради животот во релативна социјална изолација во Пјонгјанг го принудија отворено да ги доведе во прашање политичкиот и економскиот систем во Северна Кореја. Ваквите критики, како што пренесува Ројтерс, го фрустрираа Ким Јонг-ил, кој дури и се закани дека ќе го испрати најстариот син во затворенички логор или да работи во рудник. Заканата од затвор наводно била толку реална, па семејството дури набавило и облека и чевли за денот кога ќе го одведат на ислужување на казната.

Наместо да биде затворен, Јонг-нам ги помина 20-те обидувајќи се да одговори на нереалните барања и очекувања од неговиот татко. Подоцна, тој ќе биде тесно поврзан со домашниот безбедносен апарат, како и со девизните малверзации на Пјонгјанг во странство. Во текот на 1990-тите години, кога стотици илјади севернокорејски граѓани починаа од глад, Јонг-нам учествуваше во истрагата, во која претставници на партијата го проверуваа финансиското и бизнис-работење на фабриките до државна сопственост. По неколку вакви истраги, тој е сведок на егзекуцијата на фабричките директори и менаџери, кои беа обвинети дека крадат од државата. Сето ова и дефинитивно ќе ги избрише илузиите на Јонг-нам за земјата во која е роден и за политичкиот систем, на чие чело беа неговиот татко и дедо.

Од почетокот на 2000-тите, на Јонг-нам ќе му биде доделена задачата за менаџирање на дел од финансиските сметки на неговото семејство, чие богатство достигнува повеќе милијарди долари. Според Би-би-си, тој исто така е вмешан и во некои од нелегалните бизнис-операции на Пјонгјанг.

Иако директно никогаш не бил вклучен во активности како шверц на дрога или оружје, тој имал активна улога во контролата на дел од парите од легалните и од нелегалните бизниси, избегнувајќи ги властите.

Би-би-си оценува дека тој сепак не претставувал закана или кредибилен ривал на лидерството на Јонг-ун. Според познавачите, Јонг-нам воопшто не бил заинтересиран за претседателската функција. Поради тоа што долго време живеел надвор од земјата, тој не можел да формира база за поддршка помеѓу елитите во Северна Кореја и воопшто немал претстава како да ги преземе конците на моќ на власта. Јонг-нам исто така беше близок до кинеските елити и живееше под некаква заштита на властите во Пекинг.

Во изминатите неколку месеци, Пјонгјанг направи неколку обиди за подобрување на односите со Пекинг, главниот сојузник и најголемиот севернокорејски трговски партнер. Па, така, освен ако Јонг-нам повеќе не е од корист за делови од кинеската влада, неговото убиство се коси со геополитичките интереси во регионот на Јонг-ун, заклучува Би-би-си.