Седумте инспекциски служби спровеле 6944 надзори и контроли од 7 до 16 декември

„Инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на почитувањето на протоколите кои ги носи Владата ќе ги интензивираат контролите на терен за да придонесеме за одговорно прославување на претстојните празници“, изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

На редовна прес-конференција за работата на инспекторите, таа соопшти дека
седумте инспекциски служби од 7 до 16 декември спровеле вкупно 6944 надзори и контроли.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во наведениот период извршил 99 надзори и се изречени 18 решенија.

Овој Инспекторат издал и 14 951 решение за лица цо изолација.

Државниот пазарен инспекторат извршил 5031 контрола и 510 надзори поврзани со почитувањето на здравствените протоколи за работа на кафетерии и угостителски објекти, но и со останатите закони по коишто постапува овој Инспекторат.

При спроведените надзори, како што соопшти Филиповска-Грашкоска, изречени се 30 прекршочни пријави и 60 решенија за констатирани неправилности, како и 30 прекршочни платни налози.

Од вкупниот број решенија, шест се донесени поради непочитување на Законот за заштита на население од заразни болести и протоколот за работа на угостителски
објекти, и тоа за два угостителски објекта во Тетово, два во Куманово и по еден угостителски објект во Скопје и Гостивар, во кои не се почитувало работното време или ограничувањето за четири лица на една маса.

Во сите случаи изречена е мерка забрана за работа и тие се затворени на самото место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози.

Инспекторатот за транспорт, пак, од 7 до 16 декември извршил 82 надзора, при што за непочитување на материјалните закони изрекол 13 прекршочни пријави и осум решенија.

Од вкупно спроведените надзори, 29 се извршени по Законот за заштита на население од заразни болести, при што се издадени пет прекршочни пријави поради непочитување на протоколот за превоз на патници за правни лица од Охрид, Штип, Ресен и Скопје.

Државниот инспекторат за труд во изминатите 10 дена извршил вкупно 669 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава, со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места.

Притоа, соопшти Филиповска-Грашкоска, Инспекторатот изрече 26 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи, а во однос на Законот за заштита на население од заразни болести трудовите инспектори во 10 случаи констатирале прекршување на протоколот за превентивни мерки за сите работни места за што изрекле и соодветна мерка. Дополнително, од трудовите инспектори изречени се и пет прекршочни платни налози, од кои еден е поради неносење заштитна маска на работно место.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, пак, во овој период спровела 46 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата, односно за формирани цени на заштитни средства од коронавирус.

Притоа се изречени три решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала.

Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 445 надзори, при што изречени се 13 решенија, 19 едукации и четири прекршочни платни налози по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи или неправилно складирање, чување или означување производи.

Државниот инспекторат за животна средина во изминатите десетина дена извршил 62 надзора и за констатираните неправилности се издадени 28 решенија со кои правните лица се задолжени да извршат мерења на емисии, да склучат договори за преземање опасен отпад, да изработат елаборат за заштита на животната средина или да преземат мерки за соодветно постапување со отпадот во кругот на погонот.

Дополнително, од овој Инспекторат поднесени се и две прекршочни пријави и поведена е една постапка за порамнувања во која е предложено изрекување глоба согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух во износ од 20 илјади евра во денарска противвредност.

Претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска-Грашкоска потсети на новите рестриктивни мерки кои стапија во сила денеска и ќе траат до 20 јануари, со кои работното време на угостителските објекти се ограничува до 18 часот и се забранува организирање прослави за новогодишни празници од работните организации, а во сила остануваат и сите останати мерки утврдени со КОВИД-протоколите.

Повика да празнуваме одговорно и покрај тоа што пред нас, рече, е најубавиот период од годината кога се прават големи семејни слави и новогодишни прославувања.

„Но годинава е обележана од светска пандемија и токму затоа најважно од се е да бидеме совесни и одговорно да прославуваме. Апелирам до сите граѓани и стопанственици да ги почитуваат мерките и протоколите, а инспекциските служби ќе продолжат да работат со полн капацитет и во следниот период и неселективно и навремено ќе ги санкционираат сите оние кои преку непочитување на протоколите и мерките го загрозуваат јавното здравје и здравјето на граѓаните“, рече претседателката на Инспекцискиот совет.