Се заострува американско-руската дипломатска војна

Привремениот повереник во руската амбасада во Вашингтон, Сергеш Кишељов, е повикан во американскиот Стејт департмент за да му биде изразено незадоволството заради „дестабилизирачките дејствија на Русија во Атланскиот океан“.

Како што пренесуваат медиумите, станува збор, впрочем, за поддршка која Америка и ја дава на Чешка.

Руските медиуми пишуваат дека претставникот на руската амбасада ја искористил можноста да ги отфрли сите, како што се вели, неосновани обвинувања кои Прага ги упати кон официјална Москва.

Да потсетиме, чешкиот премиер, Андреј Бабиш, на 17 април соопшти дека неговата држава ги сомничи руските разузнувачки служби дека се одговорни за експлозијата во магацин за муниција во селото Врбјетице, во 2014 година, а полицијата, врз основа на судска наредба, објави потерница за двајца државјани на Русија, Александар Петров и Руслана Боширова, кои Лондон ги обвинува за труење на поранешниот руски разузнувач Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулиа.

Доцна попладнето, на 17 април, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Хамачек, изјави дека неговата земја протерува 18 руски дипломати.

Еден ден потоа, на 18 април, објавени се реципрочни мерки на Русија. Амбасадорот на Чешка во Москва, Витеслав Пивоњка, беше повикан во Министерството за надворешни работи на Русија, каде што беше информиран дека 20 вработени во чешката амбасада се прогласени за персона нон-грата и дека тие мораат да ја напуштат руската територија во рок од 24 часа.

Руското МНР нагласи дека изјавите за вмешаност на руски разузнувачки служби во експлозијата во Врбјетица се апсурдни, неосновани и измислени.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на 16 април соопшти дека официјална Москва го посоветувала американскиот амбасадот Џон Саливен, да „оди во својата престолнина и да обави сериозни консултации“.

Лавров смета дека амбасадорите на Русија и САД, во Вашингтон и Москва, треба да бидат во своите престолнини заради анализа на состојбата.

Во последно време односите меѓу Русија и Западот продолжуваат сериозно да се влошуваат. САД и земјите-членки на Европската унија продолжија да воведуваат санкции за Русија. Во тој контекст, Лавров изјави дека Москва нема односи со Унијата како организација, затоа што истите Брисел ги уништил.

Состојбата не е ништо подобра ниту во американски правец. Неодамна, амбасадорот на Русија во Америка, Анатолиј Антонов, беше повикан во Москва заради консултации за да се анализира тоа што треба да се направи и каде да се тргне во контекст на односите со Вашингтон. Потоа беше соопштено дека Антонов, најверојатно, нема во скоро време да се врати во Вашингтон.