Се комплетира изградбата на Коридорот 8

Премиерот Зоран Заев го означи почетокот на градежните работи за изградба на експресниот пат од Куманово до границата со Република Бугарија, односно делницата Ранковце-Крива Паланка.

Oваа делница е долга 23 километри, а широка 12,5 метри, a вредноста на инвестицијата изнесува околу 58 милиони евра.

„Со изградба на патот од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, ја комплетираме изградбата на Коридорот 8. Односно, од Ќафасан преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово, Ранковце, Крива Паланка до Деве Баир. Тоа е Коридорот 8 кој поминува во Република Македонија и кој е многу значаен. Овој Коридор, што ги поврзува Црното и Јадранското Море, има важна улога во забрзување на економскиот сеопшт раст во државата, a сигурен сум дека ќе ги унапреди и севкупните релации меѓу земјите од овој регион, рече Заев.

Премиерот информира дека во моментот се одвиваат и градежни активности за реконструкција на автопатите Скопје-Тетово и Кичево-Охрид.

„Во процес на изработка е проектот за изградба на автопатот Кичево-Гостивар. Овој месец ќе се распише тендер за изработка на проект за проширување на автопатот Гостивар-Тетово, а планирана е реконструкција и на патната делница Струга-Ќафасан“, посочи Заев.