„Не можам да споделам детали, но истрагата за дојавите за бомби во школите дава интересни првични податоци. Симптоматично е, на пример, како новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави, иако биле променети електронските адреси на училиштата“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање во Собранието, во врска со новите закани за поставени експлозивни направи.
Според него, тоа е работа што ќе треба да се докаже, меѓутоа останува фактот дека МВР ги спроведува сите постапки коишто се прават во вакви ситуации.
Одговарајќи на пратеничко прашање за хибридните напади, Ковачевски на денешната собраниска седница, истакна дека нападите и дојавите за бомби се апсолутно поврзани со војната што се води во Украина, и практично претставува нов начин на војување, што досега не е виден на европскиот континент.
„Соработката со НАТО, апсолутно е на дневно ниво со земјите партнери. Веројатно во многу блиска иднина ќе има посета и на ниво на помошник генерален секретар, токму во оваа област. Нашите тимови работат, не само со централата на НАТО во Брисел, туку и со партнерските служби во САД и во други држави“, изјави Ковачевски.
Целта е, вели, прво, да се направела блокада на клучните витални системи на државите, потоа да се нападнеле системи или објекти кои опслужуваат голем дел на граѓани, со цел да се креирала паника и немир кај граѓаните и трето, преку дезинформациите да се креирал негативен амбиент во самото општество.
„МВР постапува врз основа на процедури, закони и постапки, коишто се пропишани за справување со терористички напади, преку спроведување на антитерористички процедури со нивните антитерористички тимови. И, нормално се спроведува истрага“, потенцираше премиерот, и упати апел до граѓаните да бидат мирни, истакнувајќи дека полицијата ревносно ги извршува своите функции.
(Фото: Дојче Веле / Петр Стојановски)







