Се подготвува првата арктичка војна!?

„Многу земји водат активни подготовки за потенцијален воен судир на Арктикот, меѓу нив се и Соединетите Американски Држави, кои во последно време повеќе пати ја ревидираа својата стратегија за тој регион“, пишува американскиот весник „Нешенел Интерест“.

Авторот на текстот, Крис Озборн, пишува дека „никој не сака да отвори оган покрај белите мечки и пингвини“, но дека Пентагон е загрижен заради создавањето нови стратешки можности за многу држави заради топењето на мразот.

Во текстот се потсетува дека американските маринци неодамна имале вежби заедно со норвешките војници со цел усовршување на дејствувањето во сурови временски услови.

Воениот сојуз на Вашингтон и Осло на Арктикот е од големо значење за Пентагон кој настојува да се спротистави на дејствувањето на Русија, која не само што има најмногу мразокршачи, туку и интензивно работи на Северниот морски пат.

„Русија подигна воени бази на Арктикот, а имала и голем број воени вежби во регионот, и серија маневри кои ја испровоцираа Америка за да ги засили активностите во таа област за воспоставување рамнотежа од стратешко влијание“, се наведува во текстот.

Создавањето нови водени патишта заради забрзаното топење на мразот го принудија Вашингтон да ги забрза напорите.

Конкретно, американската морнарица побара од експертите да произведат системи за вооружување кои можат да функционираат во сурови климатски услови. Во контекст на ова, со подводни дронови се изучува густината на водата за подобро да се разберат температурните влијанија на воените операции.

Денес право на Арктикот имаат земјите кои излегуваат на Северниот леден океан – Русија, Норвешка, Канада, Данска која владее со Гренланд, и САД – преку Алјаска која своевремено ја купи од Русија. Тие во 1920 година потпишаа спогодба за користење на Арктикот. Непосредно по потпишувањето на спогодбата својата граница ја одреди Канада, која веднаш почна со експлоатација на нафта.

Останатите граници се обидоа да ги решат Обединетите нации во 1982 година, донесувајќи Конвенција за морско право, која не ја потпишаа САД.

Според Конвенцијата, одлуката се однесува, меѓу останатото, и на составот на земјиштето на морското дно, кое би требало да биде исто како копното на одредена земја.

Рускиот научник Антон Чилингаров е единствениот што успеал да се спушти на дното на океанот и да донесе докази дека спорниот гребен Ломоносов и припаѓа на Русија.

Комисијата на Обединетите нации го потврдила тој наод и се очекува на следното заседание да се донесе конечна одлука со која на Русија ќе и припаднат 1,2 милиони квадратни километри, што е најголем дел од територијата, со сите природни богатства што се на неа.

Затоа, на прашањето – на кого мислел претседателот Владимир Путин во својата прочуена изјава дека Русија ќе му ги извади забите на секој оној којшто ќе се обиде нешто да и одгризе, прво паѓа на памет одговорот дека тоа се оние кои сметаат дека на Русија и припаѓа премногу од Арктикот.

Следствено на ова, треба да се спомене и фактот дека во 1991 година токму Русија со својата флота мразокршачи го отвори Северниот морски пат за меѓународна пловидба. Тој е повеќе отколку двојно пократок пат меѓу Европа и Азија отколку оној е оној преку Суетскиот канал.

А, колку е тој важен, може да се заклучи ако само се потсетиме на неодамнешниот инцидент кој доведе до блокада на каналот и им нанесе огромна економска штета на земјите кои ги испратија своите бродови оттаму.

Ако вечниот мраз и понатаму продолжи да се топи, за да се прејде патот меѓу Европа и Кина, нема да бидат потребни мразокршачи, а тоа е веќе сериозен предизвик за соседните земји кои за сега не можат да и конкурираат на Русија на тој план.

(Фото: АП)